Наскоро македонските граѓани ќе чујат многу добри вести во врска со визите за САД. Ова денеска го најави премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја одлуката на САД да го замрзне издавањето иселенички визи за 75 држави, меѓу кои и Македонија.
– Министерствто за надворешни работи даде свој коментар, станува збор за емигрантските визи, не за оние визи за потребите за студирање, за туристички посети итн. Во деновите што следат ќе има добри, пријатни вести за македонските граѓани кога станува збор за ваков тип на односи со нашиот стратешки партнер, рече премиерот Мицкоски.
Тој изрази жалење за тоа како се однесува опозицијата во врска со одлуката на САД.
– Жалам што опозицијата после жестоките и рафалните критики кон нашиот стратешки партнер Обединетото Кралство сега го прави истото и против САД, рече премиерот.
