Премиерот Христијан Мицкоски, обраќајќи се на Самитот „Конкордија“ во Њујорк, порача дека Македонија останува цврсто определена кон членството во Европската Унија, но нагласи дека евроинтегративниот процес не смее да се претвори во механизам за отворање на прашања поврзани со националниот идентитет.
Тој истакна дека државата повеќе од дваесет години се соочува со бројни предизвици и блокади на патот кон ЕУ, што, според него, создало големо разочарување и фрустрација кај граѓаните. И покрај тоа, Владата ќе продолжи со реформските процеси и усогласувањето со европските стандарди и политики.
Мицкоски посочи дека од Брисел во последниот период пристигнуваат охрабрувачки сигнали, при што како позитивен пример го издвои неформалниот документ инициран од Франција и Германија. Според него, постојат реални очекувања тој документ да прерасне во официјална политика на Европската Унија.
Во своето излагање премиерот се осврна и на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, регионалната енергетска и инфраструктурна поврзаност, како и на економските показатели на земјата.
Тој наведе дека реалниот економски раст во вториот квартал од 2026 година достигнал 4,3 проценти, додека инфлацијата во август се движела меѓу 2 и 2,5 проценти, што, според него, претставува показател за стабилизирање на економските текови.
