Премиерот Христијан Мицкоски, кој престојува во Њујорк по повод Генералното собрание на Обединетите нации, се сретна со високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, заедно со лидерите на земјите од Западен Балкан.
По средбата, Мицкоски соопшти дека биле разменети мислења за актуелните регионални предизвици, можностите за продлабочување на соработката и заедничките приоритети насочени кон стабилен, безбеден и просперитетен регион.
„Остваривме средба со Каја Калас, на која беа разменети мислења за актуелните регионални предизвици, можностите за понатамошно зајакнување на соработката и заедничките приоритети насочени кон стабилен, безбеден и просперитетен регион“, објави премиерот на својот Фејсбук-профил.
Во рамки на посетата на Њујорк, Мицкоски претходно учествуваше и на состанокот на лидерите на Европската Унија и Западен Балкан, а оствари и билатерална средба со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Македонскиот премиер беше дел и од панел-дискусијата на високо ниво „Reaffirming the Promise of Peace: Using the Power We Have“, чиј домаќин беше претседателот на Финска, Александар Стуб. На панелот се разговараше за важноста на мирот, дијалогот, одговорното лидерство и улогата на државите и меѓународните институции во справувањето со глобалните предизвици.
Мицкоски имаше и посебна средба со финскиот претседател Стуб, на која, како што информираше, било нагласено значењето на почитувањето на меѓународното право, силната мултилатерална соработка и потребата од градење стабилна и безбедна Европа.
„Македонија останува посветен партнер во напорите за мир, стабилност и соработка, како членка на НАТО и земја стратешки определена кон европската интеграција“, порача Мицкоски.
