Денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања поврзани со аферата со марихуаната, повтори дека не би се изненадил ако до крајот на истрагата се стигне и до 100 тони запленет канабис. На прашањето кој бил министерот што возможил олеснување на правилата за добивање лиценци Мицкоски рече:
„Јасно е кој бил. Во одреден период министер е Венко Филипче. Лиценците за производство се една работа, но, донесен е правилник, подзаконски акт, со кој се дозволува да се произведува цвет од канабис што не ги задоволува ЏМП нормите и биле свесни дека тоа ќе се случи. Ако цветот не ги задоволува нормите, логично е дека со неговото користење во процесот на екстракција, маслото што ќе се произведе нема да може да биде лиценцирано и да се најде во продажба. Тоа им било многу јасно и на тие што го носеле тој правилник. Сега вистинското прашање е кој бил мотивот да се донесе таков правилник ако вие знаете дека не можете да го постигнете квалитетот, за да произведете масло кое ќе се продава на пазарот и ќе ги исполнува нормите“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Тој најави сериозна истрага и рече дека ова е само почеток, оти она што МВР го истражува работата може да биде многу.
