Премиерот Христијан Мицкоски од Свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба порача дека денешните генерации имаат обврска да ја чуваат и развиваат државата, нагласувајќи дека слободата извојувана од македонските револуционери носи и голема одговорност.
Во своето обраќање тој истакна дека празникот треба да биде потсетник не само на историската борба, туку и на обврската да се изгради држава каква што ќе им биде оставена на идните генерации.
„На 23 Октомври, покрај гордоста, треба да почувствуваме и одговорност. Да се запрашаме што правиме со слободата за која тие се бореа и каква држава им оставаме на оние што доаѓаат по нас“, рече Мицкоски.
Премиерот потсети дека организираното македонско револуционерно движење започнало пред повеќе од еден век во Солун, оценувајќи дека формирањето на ВМРО претставува пресвртница во македонската борба за слобода.
Според него, основачите на револуционерното движење немале држава и институции зад себе, но имале силна верба, храброст и непоколеблива решеност да се изборат за слободата на македонскиот народ.
Осврнувајќи се на делото на македонските револуционери, Мицкоски истакна дека нивниот пркос, мудрост, посветеност и храброст остануваат трајни вредности и дел од националното наследство.
Тој нагласи дека македонската држава е создадена низ жртви, востанија, прогонства и војни, а не преку подарени слободи, поради што денешните генерации имаат должност да ја зачуваат и унапредуваат.
„Да бидеме свои на своето е нашата најважна потреба. Тоа значи да стоиме со крената глава на земјата што ги памети нашите предци и да создаваме иднина што ќе ја оставиме на нашите деца“, порача премиерот.
Во завршницата од говорот, Мицкоски нагласи дека местото на македонскиот народ е во сопствената татковина.
„Тука припаѓаме, тука одлучуваме и тука ќе успееме. Свои на своето. Со корен во минатото и со верба во иднината“, порача премиерот.
