Пензиите од септември 2024 до март 2026 година кумулативно се зголемиле за 7.000 денари месечно по пензионер, а во септември годинава следувало дополнително зголемување од три проценти, изјави директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), Никола Мемов.
На презентацијата на двегодишниот отчет на функционерите на Движењето ЗНАМ, Мемов истакна дека Фондот во текот на 2025 година и досегашниот период од 2026 година редовно и навремено ги исплаќал пензиите, согласно планираните обврски.
Тој предупреди дека демографските промени и сè понеповолниот однос меѓу бројот на осигурениците и пензионерите претставуваат предизвик за пензискиот систем, поради што, како што рече, се потребни долгорочни решенија.
Според Мемов, веќе е започната стручна дебата за модел кој ќе овозможи поправично поврзување на висината на пензиите со уплатените придонеси, при што ќе се зачува солидарниот принцип на системот и стекнатите права на сегашните пензионери.
Осврнувајќи се на работата на Фондот, директорот посочи дека се спроведуваат активности за дигитализација на архивата, модернизација на информатичките системи и намалување на бројот на нерешени предмети, особено во комисиите за процена на работната способност.
Тој додаде дека електронската размена на податоци со странските пензиски институции ќе овозможи побрзо постапување по барањата на граѓаните кои имаат работен стаж во повеќе држави.
Мемов порача дека и натаму остануваат предизвици во функционирањето на системот, но оцени дека успехот треба да се мери преку посигурни пензии и поефикасни услуги за граѓаните.
