Двајца мажи измамиле 24-годишна жителка на Скопје, која им предала 117.000 денари, верувајќи дека ќе ѝ помогнат на нејзиното семејство да го откупи и приватизира земјиштето што го користи, а кое е во државна сопственост.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека случајот бил пријавен откако оштетената сфатила дека била доведена во заблуда. Според нејзината пријава, на 21 септември се сретнала со две лица, при што едниот лажно се претставил како вработен во Агенцијата за катастар на недвижности.
Верувајќи во нивните тврдења, таа во повеќе наврати им исплатила вкупно 117.000 денари за наводно завршување на постапката.
Сомнежите се појавиле кога се обратила во Катастар за да се информира за предметот. Таму ѝ било соопштено дека лицето кое се претставувало како вработен веќе повеќе од две години не работи во институцијата, по што сфатила дека станала жртва на измама.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и идентификување на сторителите.
