Апсењето на обвинител од Вишото јавно обвинителство во Битола повторно го стави во центарот на вниманието бизнисменот Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, бидејќи случајот се поврзува со постапката во која нему му беше вратен претходно одземениот пасош.
Марковски е битолски бизнисмен и сопственик на компанија која со години работеча на големи проекти, а во јавноста особено се најде по отворањето на истрагата за тендер во РЕК „Битола“. Тој е првообвинет во предметот за јавна набавка вредна околу 1,7 милиони евра за дислокација на шест погонски станици од рудникот „Осломеј“ во РЕК „Битола“. Обвинителството тврди дека условите на тендерот биле предимензионирани на начин што ја фаворизирал „Марковски компани“, која била единствен понудувач и го добила договорот. Според обвинението, иако работите не биле целосно завршени, биле составувани документи дека обврските се исполнети, по што на компанијата ѝ биле исплатени 106,2 милиони денари.
Државниот завод за ревизија дополнително констатира дека погонските станици не биле ставени во употреба и се воделе како материјални средства во подготовка, отворајќи прашање дали нивната дислокација воопшто била технолошки и инвестициски оправдана. Во текот на истрагата биле обезбедени 1,2 милиони евра, 1.000 швајцарски франци, три златни монети и една златна плочка од банкарски сеф во Белград во сопственост на Марковски, како и повеќе од 500.000 евра на сметки во домашни банки. Биле запленети и десет нови товарни и приклучни возила набавени од фирма во Србија во сопственост на Марковски, а Обвинителството со обвинението побарало конфискација на околу 1,7 милиони евра.
Токму во текот на истрагата беше отворено и прашањето за неговиот пасош, откако Основното јавно обвинителство во Струга првично дало негативно мислење тој да му биде вратен. По ново барање на одбраната, предметот стигнал до Вишото јавно обвинителство во Битола, од каде било наложено да се даде позитивно мислење, при што како аргумент била земена и гаранцијата од околу пет милиони евра. Судот потоа му го вратил пасошот, а Марковски на 29 јули отпатувал во Србија и подоцна се вратил во Македонија.
Токму постапувањето околу враќањето на пасошот сега повторно го отвора целиот случај во јавноста, откако обвинител од Вишото јавно обвинителство во Битола е приведен вечерва во Прилеп. Се очекува, надлежните официјално да ги соопштат деталите и основите за неговото лишување од слобода.
