Рускиот патријарх Кирил во Москва се сретна со делегација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), истакнувајќи дека станува збор за историска средба бидејќи македонските архиереи првпат ја посетуваат Руската православна црква како претставници на автокефална помесна црква.
Средбата се одржа во Патријаршиската и Синодална резиденција во Даниловиот манастир, каде македонската делегација престојуваше по повод одбележувањето на 80-от роденден на патријархот Кирил.
Делегацијата ја предводеше митрополитот дебарско-кичевски Георгиј, а во неа учествуваше и епископот хераклејски Климент.
Во своето обраќање, патријархот Кирил ја нагласи духовната и историската поврзаност меѓу двата народа и двете цркви.
„Многу нешта нè поврзуваат, затоа што сме Словени, припаѓаме на кирилометодиевската традиција и го разбираме јазикот едни на други. Многу сум радосен што сега имаме можност заедно да се молиме и да служиме богослужби“, рече рускиот патријарх.
Тој посебно го истакна новиот статус на Македонската православна црква.
„Нашата денешна средба е посебна, бидејќи за првпат присуствувате како делегати на Македонската црква – помесна црква која доби законска автокефалија“, изјави Кирил.
Според Московската патријаршија, односите меѓу двете цркви продолжуваат да се развиваат, а како пример беа посочени школувањето на македонски богослови во руските духовни училишта и разговорите за идни заеднички проекти.
Митрополитот Георгиј истакна дека делегацијата пристигнала во Москва како пратеник на архиепископот охридски и македонски Стефан, со задача да ги пренесе неговите честитки по повод јубилејот на патријархот Кирил.
Тој изрази благодарност за поддршката што Московската патријаршија ја дала во процесот на решавање на статусот на МПЦ-ОА, како и за можноста македонски студенти веќе две децении да се образуваат во духовните училишта во Русија.
Во знак на почит, македонската делегација му подари на патријархот Кирил икона на светите рамноапостолни Кирил и Климент Охридски.
Од своја страна, рускиот патријарх испрати подарок за архиепископот Стефан – комплет од две панагии и напрсен крст, а со панагии ги даруваше и митрополитот Георгиј и епископот Климент.
Средбата беше дел од билатералните разговори што патријархот Кирил ги одржа со претставници на повеќе помесни православни цркви за време на одбележувањето на неговиот 80-ти роденден во Москва.
