Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, упати честитка до припадниците на албанската заедница по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука, истакнувајќи дека јазикот претставува еден од најважните столбови на националниот идентитет и колективната меморија на секој народ.
„Почитувани сограѓани Албанци, 22 Ноември е датум чие значење ја надминува симболиката на историски јубилеј. Тој е сведоштво за национална визија и свест за посебен идентитет, чиј темел е стандардизираната албанска азбука“, наведува Сиљановска-Давкова во честитката.
Таа посочува дека јазикот е основен белег на националната посебност и важен инструмент преку кој се зачувуваат духовното наследство, искуствата и вредностите на еден народ.
„Албанскиот јазик, вам Албанците ви овозможи да изразите почит кон претците, но и одговорност кон потомците“, истакнува претседателката, додавајќи дека во македонското мултикултурно општество албанската заедница и албанскиот јазик имаат значајно место во уставниот, политичкиот, економскиот, образовниот, научниот, културниот, спортскиот и медиумскиот живот.
Сиљановска-Давкова нагласува дека заедничка обврска е да се гради општество во кое единството нема да ги потиснува различностите, туку ќе ги почитува како трајна вредност.
„Нека 22 Ноември не биде само ден на сеќавање, прослава и гордост, туку и поттик за нови образовни, научни и културни достигнувања на албански јазик“, порача претседателката.
