Истрагата за убиството на 38-годишниот маж, чие тело беше пронајдено кај Смилковци, се проширува и на анализата на снимките од системот „Сејф сити“, поставени на клучните точки долж скопската обиколница. Истражителите проверуваат дали камерите регистрирале сомнителни возила или движења што би можеле да помогнат во откривањето на сторителот.
Според првичните сознанија, жртвата со својот „мерцедес“ пристигнала во близина на местото на настанот непосредно пред 5 часот наутро. Околу 6:15 часот случаен минувач го забележал безживотното тело и го пријавил случајот во полиција.
При увидот било утврдено дека мобилниот телефон на жртвата останал во автомобилот, но мажот не успеал да стигне до него за да повика помош. Обдукцијата покажала дека бил застрелан со еден куршум во ногата, при што била оштетена голема артерија, што довело до обилно крварење и смртен исход.
Освен прегледот на снимките од безбедносните камери, истражителите вршат и вештачење на мобилниот телефон на убиениот, ја анализираат неговата содржина, комуникациите и движењето преку базните станици. Во тек е и потрага по чаурата и проектилот што бил употребен при убиството.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат интензивни активности за целосно расчистување на случајот и идентификување на сторителот.
Убиството се случило во близина на Смилковското Езеро – локација која пред 14 години беше место на трагичниот „Смилковски масакр“, во кој беа убиени четворица млади од Бутел и Радишани и еден рибар од Црешево.
Жители од околните населени места велат дека во вечерните часови во околината на езерото често се собираат лица и изразуваат сомневање дека таму се одвиваат незаконски активности. Тие сметаат дека почестите полициски патроли би придонеле за поголема безбедност во овој дел од Скопје.
