Сопственик на угостителски објект од гостиварското село Форино ќе одговара кривично откако, според МВР, спречил полициски службеници да влезат во локалот и да извршат службена контрола.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, 50-годишниот Х.М. од село Форино е пријавен за кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“.
Според полициските информации, случајот се однесува на настан од 30 јули 2026 година, кога во угостителски објект во село Чегране, пријавениот ја заклучил влезната врата и на тој начин им оневозможил на полициските службеници да ја спроведат контролата.
Во исто време, според пријавата, тој им укажал на женски лица кои работеле во објектот да го напуштат локалот преку заден излез, со што се обидел да го спречи нивното проверување од страна на полицијата.
Од МВР посочуваат дека станува збор за објект кој во претходни полициски контроли бил предмет на интерес, бидејќи во него биле затекнувани жени со нерегулиран престој во државата, кои се претставувале дека работат како „келнерки“ или „танчарки“.
Пријавата ја поднела Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, а надлежните институции продолжуваат со постапките за целосно расчистување на случајот.
