Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации одговори на обвинувањата што претходно ги упати американскиот претседател Доналд Трамп, тврдејќи дека Иран не е извор на тероризам, туку негова жртва.
„Претседателот на САД нè нарече терористи. Ние сме жртви на тероризам“, изјави Пезешкијан пред светските лидери.
Во своето обраќање тој изнесе тврдења дека во американски напад на училиште во Минаб, на 28 февруари, загинале најмалку 120 деца. Пезешкијан покажа фотографии за кои рече дека се од местото на нападот и од жртвите, наведувајќи дека тие биле убиени со оружје употребено од САД и Израел.
Според неговите зборови, за време на овој дел од говорот единствениот американски делегат присутен во салата ја напуштил просторијата.
Иранскиот претседател потоа тврдеше дека американски напади однеле животи на ирански научници, како и на цивили, меѓу кои жени и деца, обвинувајќи ги САД за напади врз цивилни цели.
Во продолжение на говорот, Пезешкијан се осврна и на состојбата во Појасот Газа, оценувајќи дека Палестина е „отворена рана на совеста на меѓународната заедница“. Тој изјави дека Газа претставува симбол на, како што рече, неуспехот на меѓународните механизми да го спречат страдањето на цивилите.
Пезешкијан додаде дека, според ставот на Иран, сè додека постојат окупација и неправда, отпорот ќе продолжи да постои во различни форми.
Во својот говор, иранскиот претседател повторно ги бранеше позициите на Техеран во однос на случувањата на Блискиот Исток.
