Интервју со Ивана Драгшиќ, социолог и граѓанска работничка
Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
Во последно време живеам со слики од Скопје од вхс касети снимани до 1999 година.
Фасцинантно е што зградите и куќите долж некои главни сообраќајници не се гледаат од
крошните на дрвјата, а ниедна јавна институција не е заградена со ограда со шилци.
Кое Скопје го сакате повеќе – ова сега или тоа од порано?
Повеќе го сакам идното Скопје што порано го замислувале, т.е. она што можело да биде.
Конструктивни граѓани и институции, замисла и план за иднината, проактивност и извесен
космополитизам. Во ова Скопје од сега, градилиште е повредно од дрво, а влезот во
гаража позаштитен од влезот дома. Улиците се за коли и дотур на роба. Фасадите се за
реклами. Морфологијата на просторот, сообраќајот, содржините – стимулираат
наметнување и насилство.
Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно
му даваат на градот?
Градоначалниците, луѓето по институциите и самите институции се слика на еден општ
распад, негрижа, безидејност и неспособност за соочување со времето во кое живееме.
За жал, најпрогресивниот градоначалнички проект во поново време е отстранувањето на
колите паркирани на тротоарот на Партизанска. Локалната „самоуправа“ на партиите им
служи како отскочна даска, тест за послушност на идните партиски кадри или како служба
на приватните бизниси кои им ги поддржуваат кампањите.
Управувањето со локалните ресурси треба да биде препуштено на локалните заедници
преку нови форми на политичко организирање.
Дали Вие доволно му дадовте на градот?
Да.
Со што најмногу се гордеете во Скопје?
Со идејата за Скопје. На пример, со идејата за пречистителната станица во Гази Баба.
Преголемо ли е Скопје за Вас, треба да расте или да се намали?
Раст е еден од најзлоупотребуваните, или барем погрешно толкуваните концепти денес.
Скопје треба расте и да се развива, но не во километри булевари, катови згради и
споменици по глава на жител.
Што ви недистига во градот, а што би одзеле?
Недостига одговорно управување и носење одлуки кое одговара на современите
предизвици, и они кои науката веќе ги антиципирала. Недостигаат уште: километри
атмосферска канализација, пречистителна станица, достоинствен јавен превоз, зеленило,
функционални јавни простори, јавни институции, биро за урбанизам…
Би ја отстранила секоја положена цигла и шипка во проектот „Скопје 2014“.
Во какво Скопје би сакале да живеете?
Во град за сите – град кој се гради и управува според потребите и потенцијалите на
жителите (не само човечки), според емпириски податоци и климатските предизвици. Град
на средби и дрвја.







