Полицијата во Белград привела 16 лица по протестите што ноќеска се одржаа во повеќе градови низ Србија, пренесува Танјуг, повикувајќи се на информации од Министерството за внатрешни работи. Лицата, како што пренесуваат српските медиуми се приведени поради демолирање и палење на просториите на владејачката Српска напредна партија во Белград.
Антивладините протести вчера се одржаа под слоганот „Каде застанавме“, а граѓаните во Белград се собираа на три локации – кај земјоделскиот факултет, на кружниот тек кај Градска општина – Нов Белград и споменикот на Вук Караџиќ.
Иако протестите се одржаа во помирна атмосфера за разлика од претходните денови кога имаше директен судир меѓу антивладините демонстранти и приврзаниците на СНС, министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека на протестите вчера во главниот град имало од 2.300 до 2.400 „блокадери“ кои значително го нарушиле јавниот ред и мир.
