Стекнувањето на свој покрив над главата за младите во Македонија е голем предизвик. Секоја помош е добредојдена.
Во тој правец вчера постапи Општина Аеродром носејќи мерка со која младите до 35 години целосно се ослободуваат од комуналиите за изградба, доградба или надградба на својот прв дом. Оваа добра мерка го отвора прашањето: дали ваквиот или сличен модел треба да се примени и во останатите општини во земјава? Дали треба и да се надгради?
Со превисоките цени на становите и со преголемите камати за станбени кредити сопствениот дом за младите е речиси незамисливо.
Добро е оваа мерка да ја прифатат и останатите, особено помалите општини. И да ја прошират преку разни субвенции, но и со помош од државата за градење нови типски населби специјализирани за млади семејства. Населбите да бидат со модерна инфраструктура, со градинка, училиште, маркети… Ова би било и едно од решенијата за спречување масовно иселување, но и ќе поттикне развој на локалните заедници.
