Во изминатите 24 часа, повеќе од 16.000 македонски државјани ја напуштиле државата преку граничните премини „Богородица“ и „Табановце“, покажуваат податоците од надлежните институции. Станува збор за значително зголемен интензитет на патничкиот сообраќај, што е вообичаено за периоди на празници и продолжени викенди.
Најголемиот дел од патниците околу 6.000 се упатиле кон Грција, а 9.000 излегле преку Србија. На овие патни правци традиционално има зголемена фреквенција на македонски туристи и граѓани кои патуваат за одмор, шопинг или посета на роднини.
Од граничните служби информираат дека сообраќајот се одвива без поголеми застои, иако во одредени периоди од денот се бележат подолги задржувања, особено на излез од државата. Апелираат до граѓаните да бидат трпеливи и да ја следат состојбата пред да тргнат на пат.
Очекувањата се дека фреквенцијата ќе продолжи и во наредните денови, со оглед на празничниот период и поволните временски услови, што дополнително ќе го зголеми бројот на патници на најфреквентните гранични премини.
