Во рамки на традиционалната Грчка вечер на фестивалот „Охридско лето“, вечерва ќе настапат грчката пијанистка Теодосија Нтоку и италијанскиот виолончелист Масимо Полидори. Концертот, кој се организира со поддршка на Амбасадата на Грција, ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Теодосија Нтоку е меѓународно афирмирана пијанистка, која критичарите ја издвојуваат по својата емотивна и впечатлива интерпретација. Масимо Полидори е водач на групата виолончела во миланската „Ла Скала“ и еден од најпознатите италијански виолончелисти.
Публиката ќе има можност да ужива во дела од Рахманинов, Дворжак, Чајковски, Пјацола, Форе и Елгар. Организаторите очекуваат уште една незаборавна фестивалска вечер исполнета со врвна класична музика.
