Град Скопје организираше бесплатен разглед на кањонот Матка и пештерата Врело, овозможувајќи им на граѓаните организиран автобуски превоз и стручно водство од професионални туристички водичи и придружници од Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека целта на иницијативата е природните богатства на Скопје да им бидат поблиски на граѓаните и тие подобро да се запознаат со нивното значење, вредност и убавина.
„Некои од најголемите природни богатства се токму тука, на дофат на секој скопјанец. Наша обврска е да ги чуваме, а моја желба е што повеќе граѓани лично да ја доживеат убавината со која Скопје се гордее“, истакна Ѓорѓиевски.
Како дополнителна причина за промоција на пештерата Врело, тој го посочи неодамнешниот подвиг на полскиот нуркач Бартломиеј Питала, кој достигна длабочина од 338 метри, со што Врело е евидентирана како најдлабоката подводна пештера во светот истражена од човек.
Според градоначалникот, ваквите бесплатни разгледи ќе станат почеста практика со цел што повеќе граѓани од различни генерации да ги посетат природните знаменитости на Скопје и да се поттикне свеста за нивното зачувување.
„Скопје има богатства што заслужуваат да бидат видени, доживеани и сочувани. Да го запознаеме со восхит, да го чуваме со одговорност и да го сакаме со дела“, порача Ѓорѓиевски.
