Микел Артета ќе продолжи да го предводи Арсенал, откако постигна договор со раководството на клубот за продолжување на соработката, ставајќи крај на шпекулациите околу неговата иднина.
Досегашниот договор на шпанскиот стратег истекуваше по завршувањето на сезоната, но преговорите завршија со договор што ќе му овозможи да остане на клупата на лондонскиот клуб и во наредниот период.
Според информациите, Артета ќе добие значително зголемување на платата. Наместо досегашните околу 12 милиони евра годишно, новиот договор предвидува повисоки примања, како и бонуси кои можат да достигнат до шест милиони евра, во зависност од резултатите на тимот.
Иако сè уште не е официјално објавено колку ќе трае новата соработка, се очекува Артета да остане на „Емирати“ и по истекот на актуелниот договор.
Шпанецот го презеде Арсенал во декември 2019 година и во изминатите години успеа повторно да го вклучи клубот во битката за најважните трофеи во Англија и Европа.
„Немаат причина за грижа бидејќи сакам да останам овде. Исклучително сум среќен и многу благодарен за можноста да работам со луѓето со кои соработувам“, изјави Артета.
