Вардар освои големи три бода на гостувањето кај Силекс, совладувајќи го кратовскиот тим со 1:0 во дербито од Првата македонска фудбалска лига.
Натпреварот во Кратово понуди многу борба и две поништени погодоци на домашниот состав. Силекс прв ја затресе мрежата во првото полувреме, но голот беше поништен поради офсајд, по што до паузата немаше промена на резултатот.
Вардар до водство стигна веднаш по почетокот на второто полувреме. Закариќ во 47. минута ја искористи шансата и го постигна единствениот гол на натпреварот, носејќи им предност на „црвено-црните“.
Гостите и по водството продолжија да создаваат опасни напади и беа поблиску до втор погодок, но во последните дваесетина минути Силекс целосно се префрли во офанзива во обид да стигне до израмнување.
Домашниот тим уште еднаш ја затресе мрежата, но и вториот погодок беше поништен поради недозволена позиција. Во завршницата се истакна голманот на Вардар, Талески, кој со одлична интервенција го запре ударот на Богдановски и ја сочува предноста на својот тим.
Со оваа победа Вардар освои нови три бода и останува во трката за врвот на табелата, додека Струга, која со 1:0 ја совлада Шкендија, се искачи на првото место во шампионатот.
