Попладнево околу 13:38 часот, во населбата Трубарево, општина Гази Баба, избувна голем пожар во штала наменета за складирање на отпадни електрични материјали. Огнот за кратко време предизвика густ црн чад и се прошири кон неколку околни објекти.
На местото на настанот веднаш е воспоставена координација со Центарот за управување со кризи, а од ЕВН било побарано итно исклучување на електричната енергија за да се овозможи безбедна интервенција.
Во гаснењето се вклучени шест противпожарни возила со повеќе од десет пожарникари од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, како и специјализирани тимови на Дирекцијата за заштита и спасување. Дополнително, ангажирани се еден хеликоптер на МВР, еден хеликоптер на Армијата и еден Ер Трактор на ДЗС. На терен се распоредени и екипи на Итната медицинска помош.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, потврди дека состојбата внимателно се следи и дека сите надлежни институции работат координирано за локализирање на пожарот.
