Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска одржа средба со делегација на Европскиот парламент, во пресрет на 25. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет (МПК) Северна Македонија – Европска Унија, што на 24 и 25 септември се одржува во Собранието.
Поради отсуството на хрватскиот европратеник Карло Реслер, кој заедно со пратеничката Иванка Василевска е копретседавач на комитетот, делегацијата од Европскиот парламент ја предводеше бугарскиот европратеник Ивајло Валчев, втор копретседавач од страната на Европската Унија. Во составот на делегацијата е и известителот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, додека Реслер се очекува да пристигне на почетокот на состанокот.
За време на разговорите, европратениците покажале интерес за работата на Собранието, особено во делот на транспарентноста, соработката со граѓанските организации и отвореноста кон јавноста. Притоа било посочено дека невладиниот сектор позитивно ги оценува активностите на законодавниот дом во овие области.
Гаши истакнал дека во изминатите години, со поддршка од меѓународните партнери, Собранието направило значителен напредок во унапредувањето на транспарентноста и отворањето кон граѓаните.
На средбата се разговарало и за реформската агенда, со акцент на јавната администрација, правосудниот систем, како и регионалната и транспортната поврзаност. Соговорниците се согласиле дека за успешен напредок на евроинтегративниот процес е неопходно дополнително јакнење на довербата на граѓаните во институциите.
На крајот од средбата, претседателот на Собранието им посакал успешна работа на учесниците на Мешовитиот парламентарен комитет и изразил уверување дека преку конструктивен дијалог можат да се надминат сите предизвици.
