Како една харизматична, но сиромашна Британка станува водач на прогресивната христијанска заедница позната како Шејкери и ја однесе во Америка и инспирираше илјадници луѓе да ја следат?
Денес, религиозното движење Шејкери е најпознато по своето влијание врз мебелот, дизајнот и архитектурата. Но помалку е познато колку биле радикални за своето време. Тие застапувале родова еднаквост, заеднички живот, пацифизам и одржливост, нуделе засолништа за жени жртви на насилство, се грижеле за сиромашните и ослободувале поробени Афроамериканци. Истовремено, инсистирале на целибат и укинување на бракот.
Многу од овие идеи потекнуваат од нивната необична лидерка – Ен Ли, родена во Англија. Таа била неписмена и израсната во сиромаштија, но успеала да убеди илјадници луѓе да ги следат нејзините учења.
Иако не оставила пишани дела, сведоштвата на нејзините следбеници ја опишуваат како исклучително харизматична и убедлива личност. Режисерката Мона Фастволд, која неодамна го сними историскиот мјузикл The Testament of Ann Lee, вели дека сите записи зборуваат за нејзината „жестока посветеност на својата мисија“.

Радикални верувања
Родена во Манчестер во 1736 година, Ен Ли немала формално образование. На 22 години се приклучила на религиозната група Wardley Society, подоцна наречена Шејкери, позната по екстатично пеење и танцување за време на богослужби. Тие верувале дека второто доаѓање на Христос ќе биде во женска форма – и дека токму Ен Ли го отелотворува тоа.
По низа лични трагедии, вклучувајќи ја смртта на сите нејзини деца, Ли станала сè поактивна во движењето. Во 1774 година, водена од религиозно „видение“, таа со мала група следбеници заминала во Америка, каде што основале заедница во близина на Олбани, Њујорк.
Прогон и наследство
Поради нивниот строг пацифизам, Шејкерите биле сомничени за време на Американската револуција. Ен Ли била затворана, обвинувана дека е вештерка и физички напаѓана. Таа починала во 1784 година, на 48-годишна возраст.

И покрај тоа, нејзиното влијание продолжило да расте – до 1850 година имало околу 5.000 Шејкери во САД. Денес, во Америка живеат само тројца.
Фастволд смета дека Ен Ли е и денес релевантна:
„Таа беше светилник во еден навистина мрачен период од американската историја.“








