Дваесеттиот век изобилуваше со деспоти. Немилосрдни водачи кои ги кршеа своите противници и брутално ги казнуваа сите што ќе се осмелеа да излезат од редот. Авторитарци како Јосиф Сталин, Мао Це Тунг, Иди Амин – и Бил, домашниот глушец.
Во раните 1950-ти години, Питер Кроукрофт, еколог и експерт за глувци, се наоѓал на поранешна база за обука на бомбардери од Втората светска војна во Сафок, Обединетото Кралство, каде што го набљудувал подемот на Бил – глушец на кого му дал име како дел од еден необичен експеримент.
Глувците имале репутација на уништувачи на огромни количини жито во стратешките резерви на храна низ Британија. Во раните години на Студената војна, британската влада сакала подобро да го разбере однесувањето на глувците со цел да го ограничи нивното штетно дејствување. Така, Кроукрофт бил ангажиран да воспостави лабораторија за набљудување на глувци во поранешниот воен објект.
Во почетокот на истражувањето, Кроукрофт го вовел Бил кај друг глушец по име Чарли. „Бев целосно неподготвен за суровата свирепост со која Бил се фрли врз Чарли во истиот миг кога се сретнаа“, напишал тој во својата книга Mice All Over, во која ја документирал студијата. Двајцата глувци кратко, но жестоко се бореле, по што Бил излегол како победник. Така се родил еден деспот.
„Колку повеќе ги набљудував глувците, толку повеќе почнував да препознавам елементи од однесувањето на моите сограѓани луѓе – и толку подобро ги разбирав и едните и другите“, напишал Кроукрофт.

Во книгата, објавена во 1966 година, Кроукрофт на многу страници го опишува тираничното однесување на Бил кон другите глувци.
Деспотизмот е карактеристика на многу животински општества, не само кај глувците. Бабуните, пругастите мунгоси и голите кртови се само некои од видовите кај кои е познато постоењето на таканаречени „доминациски хиерархии“ – поредоци на моќ на чиј врв стои поединец или мала група што владее со железна рака. Тие го добиваат најдобриот дел од храната. Најпосакуваните сексуални партнери. А нивното однесување, во крајна линија, го насочува целото движење на групата.
Деспотизмот може да се зацврсти кога потчинетите немаат каде да заминат – состојба што, се чини, им овозможила на деспотите да владеат и во човечките општества. Но, во некои случаи, околностите можат да доведат до отстранување на агресивните водачи. А постојат и животински општества кои, преку соработка, успеваат да го избегнат деспотизмот.

Северниот муриќи, исклучително мирољубив вид мајмун од Бразил, на пример, одржува нежно и егалитарно општество. Генетиката на животните, како и нивната средина, можат да одредат колку тие ќе бидат деспотски – или не. И можеби токму тука лежи поуката за нас.
Работата на Кроукрофт – иако во свое време била критикувана како расфрлање со државни пари – влијаела врз многу истражувачи, меѓу кои и Џастин Вархолик, биомедицински научник од Државниот универзитет Кенесо во Џорџија, САД. За време на своите докторски студии, Вархолик го проучувал однесувањето на глувците и вели: „Основата на најголемиот дел од моето истражување беше токму таа книга.“
Глувците сместени во лаборатории, често во мали кафези, се особено склони кон деспотско однесување. Во 2019 година, Вархолик и неговите соработници објавија студија за оваа појава. Тие набљудувале десетици глувци, поделени во групи од по три, сместени во стандардни лабораториски кафези. Вархолик открил дека рангот на поединечните глувци може да се менува во зависност од тоа со кои други глувци се наоѓаат во кафезот.
Во дивината, факторите од околината можат да одредат дали во одредена група ќе се појави деспотизам. Некои животински видови се особено познати по својата деспотска структура. Таков пример се чакма бабуните од јужна Африка.
Истражувањата покажуваат дека доминантните мажјаци често ги присилуваат женките и ги заплашуваат за да ја задржат својата моќ. Во екстремни случаи, тоа води до трагични последици – како падови од дрвја и дури спонтани абортуси, но, не сите општества се такви.
Во Атлантската шума во Бразил живее мајмун кој често се нарекува „најмирољубивиот примат на Земјата“. Северните муриќи живеат во егалитарни групи, без деспоти. Тие ретко се борат, ги делат ресурсите праведно и покажуваат исклучителна трпеливост и толеранција.
„Однесувањето на муриќите е инспирација“, вели приматологот Карен Страјер, која ги проучува веќе со децении. „Тоа е поглед во еден поинаков начин на живот кон кој можеби и ние би можеле да се стремиме.“
Луѓето се разликуваат од мравките, бабуните и кртовите. Но животинското царство сè уште има многу лекции за нас. Преку проучување на другите видови, ние, всушност, подобро се запознаваме самите себеси.
