Движењето ЗНАМ очекува во наредниот период да добие уште едно заменик-министерско место во Владата, а одлуката за тоа во кој ресор ќе биде новото назначување се очекува да биде донесена во текот на следниот месец.
Ова го соопшти претседателот на партијата, Максим Димитриевски, пред почетокот на настанот на кој ЗНАМ презентираше отчет за работата на своите избрани и именувани функционери.
Димитриевски нагласи дека односите меѓу коалициските партнери се стабилни и дека партијата не е фокусирана на распределбата на функциите, туку на преземање одговорност во институциите.
„Очекуваме уште едно заменичко место во Владата. Се разговара за неколку ресори, но не би сакал да шпекулирам. Верувам дека до крајот на месецот јавноста ќе добие повеќе информации од мандатарот“, изјави Димитриевски.
Тој посочи дека досега не биле упатени забелешки од премиерот или од ресорните министри за работата на функционерите на ЗНАМ во вториот и третиот ешалон на власта.
Според него, избраните и именуваните претставници на партијата ќе продолжат одговорно да ги извршуваат своите функции и да ги спроведуваат политиките договорени во владината програма.
Димитриевски истакна дека ЗНАМ е првата политичка партија која по две години учество во власта јавно поднесува отчет за работата на своите функционери. Тој оцени дека партијата досега нема ниту една корупциска афера и дека нејзините приоритети остануваат подобрување на животниот стандард, владеењето на правото и еднаквоста пред законите.
Осврнувајќи се на работата на Владата, Димитриевски рече дека државата била преземена во тешка финансиска состојба, но дека денес се реализираат бројни инфраструктурни и капитални проекти, кои, како што нагласи, се резултат на заедничката работа на целата владина коалиција.
Тој изрази уверување дека до крајот на мандатот граѓаните ќе ги почувствуваат ефектите од спроведувањето на владината програма.
