Работењето на Државна лотарија е ставено под сериозно сомневање од страна на Државниот завод за ревизија. Во најновиот извештај за финансиското работење тие откриваат нерегуларности што укажуваат на можни злоупотреби на јавни средства во вредност од речиси 2 милиони евра.
Според ревизијата, иако Лотаријата има сопствени 10 продажни места со над 46 милиони денари дневен пазар во текот на годината, овие средства речиси воопшто не биле уплатувани на сметките на институцијата. На ниво на цела година биле регистрирани само две уплати.
Исто така еден од најпроблематичните сегменти се исплатите на аванси за мали добивки: 13,9 милиони денари биле исплатени директно од благајна, наместо преку пропишаниот Мастер дилер. ДЗР информира дека сите сомнежи за незаконско или ненаменско трошење пари се доставени до надлежните институции за натамошна постапка.
