Во текот на изминатото деноноќие во земјава биле регистрирани вкупно 28 пожари на отворен простор, покажуваат најновите податоци на Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според информациите, заклучно со 7:30 часот утринава нема активни пожари, еден е ставен под контрола, додека 27 пожари се целосно изгаснати.
Под контрола останува пожарот што зафаќа подрачје меѓу општините Македонски Брод и Сопиште. Станува збор за пожар во атарот на селото Белица, на месноста Кајорец, кој се проширил кон подрачјето Јасен во општина Сопиште, при што биле зафатени нискостеблеста и мешана шума.
Во меѓувреме, надлежните служби успешно интервенирале на 27 други локации низ државата, каде биле изгаснати пожари во ниска вегетација, стрништа, депонии и шумски површини.
Пожари биле регистрирани во повеќе општини, меѓу кои Илинден, Куманово, Виница, Прилеп, Демир Капија, Градско, Гостивар, Липково, Старо Нагоричане, Сарај, Карпош, Гази Баба, Радовиш, Босилово, Струга, Кичево, Охрид, Штип и Бутел.
Од Центарот за управување со кризи апелираат граѓаните да бидат внимателни при движење и престој на отворено, особено при палење оган, со цел да се спречат нови пожари и да не се загрозат шумите, земјоделските површини и безбедноста на населението.
