Премиерот Христијан Мицкоски во разговор за Атлантскиот совет оцени дека Македонија ги исполнува критериумите што се очекуваат во процесот на евроинтеграција, но дека напредокот кон Европската Унија е блокиран од билатерални прашања и дополнителни услови.
Тој истакна дека земјата ги исполнува обврските што произлегуваат од принципот на пристапување врз основа на заслуги, но дека секојпат се појавуваат нови пречки.
„За жал, ние испорачуваме сè кога станува збор за пристапот заснован на заслуги, но потоа секогаш се соочуваме со вештачки наметнати пречки“, изјави Мицкоски.
Премиерот потсети дека Македонија веќе направила значајни отстапки во евроинтегративниот процес, вклучително и промената на уставното име, а како актуелен услов го посочи внесувањето на Бугарите во Уставот. Според него, најголемата дилема е што никој не може да гарантира дека по исполнувањето на ова барање нема да следуваат нови услови.
Тој оцени дека македонскиот пат кон ЕУ значително се разликува од искуството на другите земји членки, потсетувајќи дека државата уште пред повеќе од две децении ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација и во ист период со Хрватска доби кандидатски статус и позитивна препорака за почеток на преговорите.
„Тажно, но вистинито, и многу е фрустрирачки и разочарувачки за граѓаните на мојата земја“, рече Мицкоски, додавајќи дека и по 26 години Македонија практично се наоѓа на почетната позиција на европскиот пат.
За уставните измени
Осврнувајќи се на барањето за уставни измени, Мицкоски ја критикуваше претходната влада, оценувајќи дека ја презела обврската за измена на Уставот без да обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието.
Тој нагласи дека актуелната влада паралелно работи на надминување на наследените предизвици и на економскиот развој на државата.
Според премиерот, предложените измени предвидуваат во Преамбулата, покрај веќе наведените заедници, да бидат вклучени и Бугарите, но тој постави прашање зошто токму ова барање е дел од пристапниот процес кон Европската Унија.
Повик за еднаков пристап
Во интервјуто Мицкоски се осврна и на пресудите на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на македонската заедница во Бугарија.
Тој наведе дека Судот во Стразбур во повеќе случаи донел пресуди во корист на македонската заедница поради повреди на правото на здружување, додека, според неговите зборови, не постои пресуда со која се утврдува повреда на правата на бугарската заедница во Македонија.
„Како можеме да објасниме и оправдаме дека ова барање е дел од пристапот заснован на заслуги?“, праша Мицкоски.
Тој додаде дека го разбира принципот на едногласно одлучување во Европската Унија, но оцени дека досегашното искуство на Македонија покажува дека по исполнувањето на еден услов честопати следува нов.
Разговорот беше организиран од Атлантскиот совет и беше посветен на евроатлантската ориентација на Македонија, односите со САД, економскиот развој и евроинтегративниот процес.
