Македонија направи значителен напредок во развојот на е-владата и се искачи за 16 места на најновото рангирање на Обединетите нации.
Според Индексот за развој на е-влада на ОН за 2026 година, земјава се наоѓа на 68-мото место во светот, што е најдобар пласман од 2010 година наваму. На претходното рангирање од 2024 година Македонија беше позиционирана на 84-то место.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на денешната прес-конференција изјави дека ова е втор најдобар резултат за земјата во серијата мерења на Обединетите нации од 2003 година.
Вредноста на индексот на Македонија пораснала од околу 70 на 78 индексни поени, што претставува најголем раст во регионот во периодот од 2024 година до денес.
Со постигнатиот резултат, Македонија влегува во групата држави со многу високо ниво на развој на е-управувањето. Според Андоновски, земјава е меѓу петте европски држави кои во ова мерење преминале во оваа категорија, од вкупно 11 држави во светот.
Министерот посочи дека напредок е забележан кај сите клучни компоненти што ги оценува извештајот на Обединетите нации.
