Македонија и Албанија од денеска официјално го ставија во функција системот „One Stop Shop“ на граничниот премин Ќафасан, со што патниците, возилата и стоката ќе поминуваат низ една заедничка гранична контрола, наместо преку две одделни проверки.
На свеченото отворање присуствуваа премиерите на двете земји, Христијан Мицкоски и Еди Рама, кои оценија дека новиот систем ќе овозможи побрз проток на луѓе и стока, ќе ја зајакне довербата меѓу двете држави и ќе придонесе за нивното европско приближување.
Мицкоски истакна дека воспоставувањето на едношалтерската контрола е значаен чекор во унапредувањето на билатералната соработка и најави дека очекува истиот модел да биде воведен и на останатите гранични премини со Албанија.
„Очекувам овој начин на комуникација да продолжи и на другите гранични премини што ги имаме со нашиот западен сосед, Албанија. На тој начин дополнително ќе ги зајакнеме врските меѓу граѓаните, а системот ќе придонесе и за развојот на туризмот, особено во охридскиот регион и албанското крајбрежје“, рече Мицкоски.
Според податоците што ги изнесе премиерот, во текот на 2025 година преку Ќафасан биле регистрирани околу 2,3 милиони преминувања, што претставува повеќе од половина од вкупниот граничен сообраќај меѓу Македонија и Албанија.
Рама оцени дека новиот систем е доказ за поголема доверба меѓу двете држави и чекор кон поефикасна регионална соработка.
„Досега беше контролирај, контролирај, а отсега ќе биде верувај и контролирај. Ова е уште еден чекор кон нашето приближување до Европската Унија и подобро поврзување на двете земји“, изјави албанскиот премиер.
Во разговорот со новинарите, Рама се осврна и на евроинтеграциите на Македонија, нагласувајќи дека внесувањето на Бугарите во Уставот е внатрешно прашање на земјата и дека Албанија никогаш нема да биде пречка на македонскиот пат кон Европската Унија.
Тој рече дека ја разбира загриженоста на македонската страна дали по евентуалните уставни измени би можеле да следуваат нови услови, но оцени дека актуелниот услов треба да биде исполнет за продолжување на европскиот процес.
Мицкоски, пак, оцени дека Рама дал пошироко објаснување на своите претходни изјави и порача дека јавните настапи не треба да се толкуваат преку издвоени делови од нивниот контекст.
Албанскиот премиер одговори и на прашања поврзани со судските случаи во Македонија, нагласувајќи дека не сака да биде политички арбитар во земјата и дека ги почитува нејзините институции и суверенитет.
Од своја страна, Мицкоски истакна дека македонската заедница во Пустец е лојален дел од албанското општество, истовремено негувајќи ги своите национални корени, и ги отфрли дилемите околу неодамнешните настани поврзани со интонирањето на албанската химна.
