Сè повеќе домаќинства во Македонија живеат без деца, покажуваат најновите податоци на Евростат за структурата на домаќинствата. Во 2025 година дури 66,1 процент од вкупниот број домаќинства немале издржувани деца.
Од вкупно 595.600 регистрирани домаќинства во земјава, 393.400 биле без деца, додека 202.200 домаќинства имале издржувани деца. Тоа значи дека само една третина од домаќинствата во Македонија имале деца во својот состав.
Споредбено со Европската Унија, Македонија има поголем удел на домаќинства со деца. Во земјите членки на ЕУ, 76,6 проценти од домаќинствата немаат деца, а 23,3 проценти имаат издржувани деца.
Сепак, податоците покажуваат и пад на просечниот број деца по домаќинство во Македонија. Во 2025 година тој изнесувал 0,60, што е значително помалку во споредба со 2015 година, кога просекот бил 0,80 деца по домаќинство.
Македонските домаќинства и понатаму се поголеми во однос на европскиот просек. Просечното домаќинство во земјава брои меѓу 3,1 и 3,2 членови, додека просекот во Европската Унија е околу 2,3 лица.
Трендот на намалување на домаќинствата со деца е присутен низ цела Европа. Во ЕУ нивниот удел се намалил од 26,9 проценти во 2010 година на 23,3 проценти во 2025 година.
Во исто време, расте бројот на домаќинства во кои живее само едно возрасно лице без деца. Нивниот удел во ЕУ се зголемил од 33,6 проценти во 2015 година на 37,5 проценти во 2025 година, додека домаќинствата составени од двојки со деца бележат пад од 16,6 на 14,7 проценти.
Меѓу земјите членки на ЕУ, најголем удел на домаќинства составени од двојки со деца има Словачка со 20,3 проценти, пред Кипар со 19,6, Чешка со 18,4 и Луксембург со 18,3 проценти.
Кај домаќинствата со едно возрасно лице и деца предничи Естонија со 9,4 проценти, додека најголем удел на домаќинства со едно лице без деца има Литванија со 62,5 проценти.
