Со три натпревари продолжи првото коло од новата сезона во ракометната Суперлига, а стартот донесе убедливи победи, но и голема драма во Скопје.
Алкалоид успешно ја отвори сезоната, совладувајќи го „помладиот тим“ од Автокоманда со убедливи 38:28. Сигурен настап имаше и Прилеп, кој пред својата публика беше подобар од МРК Куманово со 38:31.
Најнеизвесниот натпревар се одигра меѓу Бутел и Младост. Домашниот состав имаше четири гола предност (30:26) во самиот финиш, но не успеа да ја сочува, па гостите со серија од четири погодоци стигнаа до конечни 30:30.
Претходно, во воведниот натпревар од колото, актуелниот шампион Вардар убедливо го совлада Еурофарм Пелистер 2 со 31:19.
Првото коло ќе биде комплетирано утре со две средби. Најголемо внимание привлекува дербито меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер, кое започнува во 19:00 часот. Половина час претходно ќе стартува и дуелот меѓу Струга и Тиквеш.
