Од вторник, 1 декември, во Македонија почнуваат да се применуваат нови правила за отворање и продолжување на боледувањата, со кои се менуваат медицинските критериуми и постапките за одобрување отсуство од работа. Според новиот правилник на Фондот за здравствено осигурување, матичните лекари и понатаму ќе можат да одобруваат боледување до 15 дена, но за продолжување по петтиот ден ќе бидат потребни дополнителни медицински докази, во зависност од дијагнозата. За боледување подолго од 15 дена ќе одлучува надлежната лекарска комисија на Фондот, врз основа на доставената медицинска документација.
Од Фондот нагласуваат дека измените не значат скратување на правото на боледување, ниту ограничување на неговото времетраење кога постои медицински оправдана потреба. За продолжување на отсуството по петтиот ден, кај дијагнозите за кои тоа е предвидено, пациентите ќе треба да обезбедат соодветни дијагностички испитувања и специјалистички извештај со препорака за времетраењето на боледувањето. Боледувањето по правило се отвора од денот на лекарскиот преглед, а во оправдани случаи може да се утврди и ретроактивно, најмногу еден ден наназад.
Доколку пациентот има потреба повторно да отвори боледување поради иста или сродна дијагноза во рок од 30 дена по завршувањето на претходното отсуство, матичниот лекар ќе мора да достави предлог до лекарската комисија. Посебни правила се предвидени и за пациентите кои биле на болничко лекување, кај кои со одобрение од комисијата ќе биде можно ретроактивно продолжување на боледувањето до пет календарски дена. За боледувања подолги од 60 дена, по правило ќе биде потребно конзилијарно мислење, но се предвидуваат исклучоци за одредени тешки заболувања.
Новите правила носат и административни олеснувања, меѓу кои електронско доставување на предлозите за продолжување на боледувањето, користење постојни медицински наоди кај хронично болните и можност за одлучување без лично присуство на неподвижни и хоспитализирани пациенти. Осигурениците кои не се согласуваат со медицинската оценка ќе имаат право на приговор, а во оправдани случаи ќе може да добијат и приоритетен упат за побрз специјалистички преглед.
Од Фондот објаснуваат дека целта на измените е да се воспостават попрецизни медицински критериуми, да се намалат непотребните административни постапки и да се зачува правото на боледување за сите работници на кои здравствената состојба не им дозволува да ги извршуваат работните обврски.
