Целосната реконструкција на паркот „Жена борец“ во центарот на Скопје се одвива со засилено темпо, информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој денеска изврши увид во градежните активности. Сепак, сè уште нема конкретен рок за завршување на работите.
Ѓорѓиевски преку објава на социјалните мрежи посочи дека паркот со генерации претставува место за средби, прошетки и одмор на скопјани, нагласувајќи ја потребата од негово зачувување и уредување.
Во рамките на реконструкцијата, старите плочки се заменуваат со нови, се обновуваат пешачките патеки и се реставрира постојната урбана опрема. Предвидено е и дополнително хортикултурно уредување со кое ќе се збогати парковското зеленило.
Градоначалникот потсети дека претходно беше обновено спомен-обележјето на децата бегалци, кое беше вандализирано, а кај фонтаната повторно беше запален Вечниот оган.
Реконструкцијата на пешачките патеки во паркот „Жена борец“ започна на почетокот на октомври. Иако од почетокот на градежните активности помина повеќе од месец и половина, работите сè уште не се завршени, а градските власти немаат соопштено конкретен рок за нивно финализирање.
Во меѓувреме, пред пет дена Ѓорѓиевски најави и замена на оштетените плочки пред влезот на Старата скопска чаршија.
Ниту за овој зафат не е објавен рок за завршување на градежните активности, а според информациите од терен, денеска на оваа локација немало работници.
Останува отворено прашањето кога двете значајни локации во центарот на Скопје ќе бидат целосно уредени и повторно достапни за непречено движење на граѓаните.
