Функционери од Воената разузнавачка служба на Израелските одбранбени сили (ИДФ) го предупредиле премиерот Бенјамин Нетанјаху дека евентуален напад врз Иран би можел да предизвика поширок регионален конфликт, објави израелската телевизија „Канал 12“.
Според информациите на медиумот, предупредувањето било упатено минатата недела за време на состанок зад затворени врати, на кој присуствувале Нетанјаху, како и високи претставници на безбедносните служби и институции.
Израелското воено разузнавање, според наводите, проценува дека евентуална воена операција против Иран би можела да доведе до отворање на повеќе фронтови, со можно вклучување на Либан, Сирија и Појасот Газа.
Овие проценки се спротивставуваат на наводните очекувања дека евентуалната операција би траела само неколку дена. Според „Канал 12“, Нетанјаху сметал дека акцијата би можела да заврши во период од три до пет дена.
Телевизијата објави и дека дел од израелските опозициски лидери, меѓу кои и Авигдор Либерман, го предупредиле премиерот да не презема еднострана акција против Иран во момент кога во земјата се формира нова влада.
Либерман неодамна изјави дека евентуален напад во овој момент би бил неоправдан, додека дел од критиките се однесуваат и на можноста за операција без директно учество или одобрение од САД.
Израелската армија засега одбила да ги коментира наводите објавени во прилогот на „Канал 12“.
