Германија планира да ја преполови квотата за прием на работници од Западен Балкан, од досегашните 50.000 на 25.000 лица годишно. Предлогот го подготви германското Министерство за труд и социјални прашања, а канцеларот го достави до Бундесратот, кој треба да ја потврди измената за таа да стапи на сила.
Со измената на Уредбата за вработување, сегашната бројка од 50.000 едноставно ќе биде заменета со 25.000. Бундесратот, во кој учествуваат претставници на 16-те германски покраини, треба да даде зелено светло за новата регулатива.
Квотата за работници од земјите од Западен Балкан беше зголемена од 25.000 на 50.000 во средината на 2024 година, но германската влада сега одлучи да ја врати на претходното ниво. Според образложението, целта е да се намали работната миграција која не е поврзана со конкретни квалификации.
Намалувањето на квотата е дел од договорот на владејачката коалиција составена од демохристијанските партии ЦДУ и ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД). Коалицискиот одбор одлучил новото ограничување да започне да се применува од почетокот на 2027 година.
Сепак, на предлогот реагираше Сојузната агенција за вработување, која предупреди дека и сегашната квота не е доволна за да ги покрие сите барања. Според Агенцијата, бројот од 50.000 места веќе не успеал да ги опфати сите пријави во 2025 година, а очекува дека ќе биде исполнет и пред крајот на оваа година.
Поради тоа, Агенцијата се залага постојното правило да остане во сила, особено поради потребите на германскиот пазар на труд.
Паралелно со измената на квотата, германската влада усвои и предлог-закон кој им овозможува на работодавачите да ги задржат работниците со договори на определено време до четири години. Предлогот го иницираше министерот за труд Александар Швајцер, кој порача дека целта е зачувување на работните места и создавање услови за нови вработувања.
Германија во изминатите години остана една од најпосакуваните дестинации за работници од Западен Балкан, особено поради недостигот на работна сила во повеќе сектори, но новите мерки покажуваат дека владата сака построга контрола врз миграцијата која не е директно поврзана со квалификувани кадри.
