Германија ги интензивира подготовките за трајно зајакнување на своето воено присуство во Литванија, каде што до крајот на 2027 година планира да распореди целосно оперативна оклопна бригада со околу 5.000 војници.
Како дел од воените активности и подготовките за новата мисија, германската армија ги спроведе и првите тактички тестирања на беспилотни летала со ударна намена. Испитувањата се реализираа на полигонот Руднинкаи, во близина на границата со Белорусија, во рамки на вежбата „Штит на слободата“.
Тестирањето го следел началникот на германските копнени сили, Кристијан Фројдинг, а биле испитувани системи развиени од компаниите „Хелсинг“ и „Штарк“. Дроновите, опремени со инертни боеви глави, изведувале напади кон тенковски цели како дел од проверката на нивните можности на терен.
Германската војска неколку дена претходно го тестирала и системот „Кларити“ на компанијата „Хелсинг“, кој со помош на вештачка интелигенција обработува податоци од различни извори, вклучително сателити, дронови и други сензори, со цел побрзо донесување одлуки во борбени услови. Фројдинг оцени дека ваквите технологии ќе имаат клучна улога во идните конфликти.
Берлин во последните години значително ги зголеми вложувањата во одбраната по руската инвазија врз Украина. Формирањето на 45. оклопна бригада во Литванија претставува прво трајно распоредување на германска борбена бригада надвор од земјата.
Откако ќе биде целосно формирана, единицата треба да располага со околу 5.000 војници и приближно 2.000 воени возила, меѓу кои и тенкови. Во Литванија веќе се наоѓаат околу 1.800 припадници на бригадата, кои учествуваат во подготовките за идната мисија.
Членките на НАТО во последниот период предупредуваат дека Русија претставува зголемена безбедносна закана за Европа и дека Москва би можела во наредните години да се обиде со поширока воена акција против некоја земја членка на Алијансата.
Од Кремљ ги отфрлаат ваквите оценки и тврдат дека токму проширувањето на НАТО и зголеменото воено присуство во близина на руските граници придонесуваат за раст на тензиите.
