Протестите против владата на албанскиот премиер Еди Рама продолжија и вчера во Тирана, каде стотици демонстранти маршираа низ улиците на главниот град и повторно побараа негова оставка, како и заминување на актуелната политичка елита.
Во протестната поворка учествуваа студенти, граѓани и претставници на организации на граѓанското општество. Собирот започна пред Министерството за образование, по што демонстрантите се упатија кон булеварот „Хероите на нацијата“, во близина на зградата на Владата.
Протестот во најголем дел помина мирно, без судири со полицијата, иако безбедносните сили беа распоредени во зголемен број, а на терен имаше и водени топови.
Учесниците се движеа по улиците „Мине Пеза“, „Каваја“ и „Мислим Шири“, а накратко застанаа и пред полициска станица. Подоцна, на улицата „Драч“ привремено го блокираа сообраќајот, по што полицијата формираше кордон за да спречи подолготрајна блокада.
За време на протестот беше запален и оган, додека демонстрациите продолжија под засилено полициско обезбедување.
Демонстрантите порачаа дека нема да се откажат од своите барања и истакнаа дека оставката на премиерот Еди Рама не е прашање за преговори. Тие повторно побараа подобри услови за живот и повеќе можности младите да ја градат својата иднина во Албанија.
Протестите продолжуваат и покрај повиците на Рама за дијалог. Албанскиот премиер неодамна разговараше со дел од младите демонстранти и изјави дека е подготвен за разговор со студентите, но не и со оние кои за време на протестите користат насилни методи, како што е фрлање камења.
