Европската комисија констатира „добар напредок“ во областа на дигиталната трансформација и медиумите во Северна Македонија, при што во Извештајот за напредокот за 2026 година е зголемено и нивото на подготвеност на земјата во оваа област.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски информира дека оценката во Поглавјето 10 претставува значително подобрување во споредба со претходните години.
Според него, во периодот од 2021 до 2024 година Европската комисија оценувала дека земјата бележи ограничен напредок, во 2025 година бил забележан одреден напредок, додека најновиот извештај нотира „добар напредок“.
Андоновски посочува дека позитивната оценка се должи на повеќе реализирани активности, меѓу кои зголемениот број електронски услуги, двојното зголемување на нивното користење од страна на граѓаните, подобрената размена на податоци меѓу институциите и унапредувањето на системите за кибербезбедност.
Како значаен чекор ги издвојува и усвоените закони и стратегии кои, како што наведува, се усогласени со европските стандарди.
„Целта на дигиталната трансформација е придобивките да ги почувствуваат граѓаните и компаниите во секојдневното функционирање – со помалку чекање, помалку документација и побрзо добивање услуги“, посочува Андоновски.
Министерот оценува дека позитивната оценка од Европската комисија претставува признание за досегашната работа, но и дополнителна обврска за продолжување на реформите во процесот на дигитализација на државата.
