Независниот синдикат на професионални војници и Координативното тело на пензионирани припадници на Армијата денеска со почеток во 11 часот ќе одржат протест пред Владата.
Според организаторите, протестот е резултат на, како што наведуваат, долгогодишното незадоволство поради игнорирањето и нерешавањето на проблемите со кои се соочуваат припадниците на Армијата од страна на Министерството за одбрана.
Меѓу нивните главни барања е законско и трајно решавање на статусот на професионалните војници, вклучително и прашањето за оние кои наполниле 45 години.
Тие исто така бараат зголемување на платите на професионалните војници, како и обештетување на поранешните припадници на Армијата.
Организаторите очекуваат институциите да покажат подготвеност за дијалог и да понудат конкретни решенија за нивните барања.
