Исплатата на средствата за граѓаните кои имаат платежни сметки во „АЛТА банка“ АД Битола, а не располагаат со платежни картички, започна утрово и се одвива непречено, соопшти Народната банка.
Гувернерот Трајко Славески, на средба со претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Станка Трајкова, и директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Никола Мемов, истакна дека приоритет при исплатата имаат пензионерите и примателите на социјална помош.
За денешниот ден преку СМС-пораки биле повикани околу 400 граѓани, но на шалтерите се услужуваат и лицата кои немаат регистриран телефонски број, а самостојно дошле да ги подигнат своите средства. Согласно со важечките ограничувања, секој клиент може да повлече најмногу 20.000 денари, што е максимално дозволениот износ во период од две недели.
Славески најави дека Народната банка работи на отворање шалтери и во други градови, со цел пензионерите и примателите на социјална помош полесно да пристапат до своите средства.
Тој нагласи дека средствата на клиентите и понатаму се безбедни и се наоѓаат на нивните сметки во „АЛТА банка“, а воведените ограничувања се однесуваат само на начинот на нивно користење.
„Привремените ограничувања се воведени за да се зачуваат ликвидноста и стабилноста на Банката и да се заштитат интересите на сите нејзини клиенти“, истакна гувернерот.
Од Народната банка посочуваат дека продолжуваат активностите за постепено нормализирање на работењето и обезбедување на останатите банкарски услуги во најкус можен рок.
На средбата беше нагласена и важноста од континуирана соработка со здруженијата на пензионерите, со цел граѓаните навремено да бидат информирани за сите активности поврзани со исплатата на средствата и нивните права како корисници на платежни услуги.
