Управител на фирма за технички прегледи е осомничен дека присвојувал средства што граѓаните и компаниите ги плаќале како јавни давачки при регистрација на возила, со што на фирмата ѝ овозможил противправна имотна корист од 41,5 милиони денари.
Финансиската полиција поднела кривична пријава против лицето со иницијали М.Н. до Основното јавно обвинителство Тетово за продолжено кривично дело „Проневера во службата“.
Според пријавата, сомнителните дејствија се однесуваат на периодот од почетокот на 2022 година до крајот на 2025 година. Средствата што биле уплаќани при регистрација на возила биле наменети за повеќе институции и организации, меѓу кои општините, Министерството за животна средина, Службата за помош и информирање, Црвениот крст и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Од Финансиската полиција информираат дека управителот, во текот на 2022 и 2024 година, неосновано отпишал обврски за јавни давачки во износ од 17,1 милион денари.
Постои сомневање дека со таквото постапување биле прикривани присвоените средства, преку прикажување на помал долг кон субјектите на кои требало да им бидат префрлени парите.
Случајот е доставен до надлежното обвинителство, кое треба да ги преземе понатамошните дејствија.
