Облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд ја очекува Македонија денеска. Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, дождот ќе биде поизразен во попладневните часови и во текот на ноќта, а нестабилното време ќе продолжи и во наредните денови поради влијание на циклонска активност.
Во текот на денот ќе преовладува претежно облачно време со локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб ветер од северен правец, а утринските температури ќе се движат од 7 до 12 степени, додека дневните ќе достигнат меѓу 11 и 16 степени.
Во Скопје се очекува претежно облачно време со повремен дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта. Ќе дува слаб северен ветер, а температурата ќе се движи од минимални 9 до максимални 14 степени.
Според најавите на УХМР, облачното и постудено време ќе се задржи најмалку до вторник. Во тој период ќе има повремени врнежи од дожд со променлив интензитет, а најобилни врнежи се очекуваат во недела и во понеделник, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта кон вторник.
