Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека најновите ревидирани податоци на Државниот завод за статистика покажуваат повисок економски раст од првично проектираниот, оценувајќи дека земјата веќе ја исполнила поставената цел номиналниот бруто домашен производ да достигне 20 милијарди долари.
Говорејќи по означувањето на почетокот на изградбата на новата фаза од вакуумската канализација во Јурумлери, Мицкоски рече дека конечните податоци за 2024 година и ревидираните показатели за 2025 година покажуваат раст на БДП од 3,8 проценти.
„Нашата цел беше до крајот на мандатот номиналниот БДП да достигне 20 милијарди долари. Таа цел веќе е исполнета во 2025 година, па затоа поставуваме нова амбиција – економија вредна 22 милијарди долари“, истакна премиерот.
Тој појасни дека економскиот раст за 2024 година е ревидиран од три на 3,8 проценти, а истото ниво од 3,8 проценти е утврдено и за 2025 година, наместо претходната проценка од 3,5 проценти.
Мицкоски нагласи дека позитивните економски показатели се потврдуваат и преку индустриското производство, кое во септември забележало раст од 2,4 проценти, и покрај, како што рече, сложените глобални економски околности, намалената побарувачка на европските пазари и енергетските предизвици.
Според него, ваквите резултати покажуваат дека економските политики даваат ефект, иако, како што рече, секогаш има простор за дополнително подобрување.
Премиерот оцени дека постигнатите економски показатели се меѓу најдобрите во регионот и Европа, додавајќи дека Владата ќе продолжи со мерки насочени кон натамошен економски раст и развој.
