Генералната директорка на Радио-телевизија Србија (РТС), Мања Грчиќ, на 28 октомври поднесе оставка на функцијата, откако претходно дел од вработените, синдикатите и претставниците на студентската листа побараа нејзино повлекување.
Во образложението на оставката, Грчиќ навела дека одлуката ја донела по внимателна анализа на околностите во кои функционира јавниот сервис, оценувајќи дека на тој начин ќе се овозможи непречено продолжување на работата на РТС.
Таа побарала Управниот одбор да ги преземе сите неопходни чекори за обезбедување континуитет во раководењето и законско примопредавање на функцијата, додавајќи дека ќе соработува за процесот да помине без да се наруши работењето на институцијата.
Оставката следува по неколкудневните барања за одговорност во јавниот сервис. Неформалната група вработени „Наш протест“ побара повлекување на целото раководство, со посебен акцент на уредниците на Информативната програма, оценувајќи дека се потребни промени во известувањето и почитувањето на професионалните стандарди.
Поддршка на овие барања даде и синдикатот „Слога“ во РТС, кој побара одговорност за состојбата во медиумската куќа и за нарушената доверба кај јавноста. Студентите, пак, преку отворено писмо побараа оставки од директорката, нејзиниот заменик и раководството на Информативната програма, како и формирање привремена управа во согласност со законот.
Само еден ден претходно, на 27 октомври, беше објавено дека Грчиќ на средба со претставници на два репрезентативни синдиката одбила да поднесе оставка, образложувајќи дека не може да ја остави институцијата без директор.
Управниот одбор ја избра Мања Грчиќ за генерална директорка на РТС на 11 февруари оваа година со мандат од пет години. Со изборот таа стана првата жена која застана на чело на српскиот јавен сервис. Пред тоа работела во повеќе домашни и меѓународни медиуми, меѓу кои Би-би-си, Б92, „Пинк“, „Танјуг“ и К1.
