Доколку по истекот на роковите за приговори изборот биде потврден, Хаџи Василева ќе стане втората жена, по Вилма Рускоска, која ќе раководи со ова обвинителство.
Во најнеизвесната трка за функцијата, таа освои 64 гласа, додека нејзиниот најблизок противкандидат Трајче Пеливанов доби поддршка од 57 обвинители.
Фатон Азизи доби 14 гласа, Јован Цветановски 30, а Лидија Раичевиќ шест гласа.
Право на глас имаа вкупно 187 јавни обвинители, од кои гласаа 175, додека 12 не го искористија своето право. При гласањето биле евидентирани и четири неважечки ливчиња.
Со изборот, Хаџи Василева треба да го наследи Ислам Абази, кој раководеше со Обвинителството од 2022 година. Таа во јавноста е позната и како обвинителка која го води предметот против судијата Ѓоко Ристов, во кој се истражуваат околу 350 илјади евра пронајдени заѕидани во домот на неговите родители.
Во трката за прв човек на ОЈО ГОКК учествуваа пет кандидати – Искра Хаџи Василева и Фатон Азизи од Обвинителството за организиран криминал и корупција, Трајче Пеливанов и Јован Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје, како и Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје.
Своите програми кандидатите ги претставија пред Советот на јавните обвинители на 13 октомври, при што како клучни приоритети ги истакнаа зајакнувањето на финансиските истраги, поефикасната борба против корупцијата, сузбивањето на организираниот криминал и унапредувањето на независноста на Обвинителството.
