Владата донесе одлука за формирање Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, чија цел е унапредување на сигурноста на медиумските работници, спречување на закани и создавање услови за слободно и професионално извршување на новинарската работа.
Новиот комитет ќе има задача да ја следи состојбата со безбедноста на новинарите, да ја подобрува соработката меѓу институциите и медиумската заедница, како и да подготви Национален акциски план за заштита и безбедност на новинарите.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, информираше дека акцискиот план треба да биде изработен најдоцна до 15 декември 2026 година, во согласност со европските стандарди и меѓународните препораки.
Планот ќе биде насочен кон четири главни области – превенција, заштита, ефикасно гонење на сторителите и едукација. Предвидени се механизми за брза реакција, полициска и правна поддршка, заштита од закани во дигиталниот простор и поефикасни истраги при напади врз новинари.
Во работата на Комитетот ќе бидат вклучени претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, АВМУ, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонската радио-телевизија и Здружението на новинарите на Македонија.
Комитетот ќе придонесе и кон националната примена на кампањата на Советот на Европа „Новинарите се важни“, со цел дополнително зајакнување на позицијата и безбедноста на новинарите.
Митева порача дека професионалниот дијалог меѓу институциите и медиумите е неопходен за демократското општество.
„Вие имате право да прашувате, ние имаме обврска да одговараме. Вие имате право да ја преиспитувате работата на институциите, ние имаме обврска да ја образложиме“, истакна Митева.
