Силен ветер од северозападен правец се очекува денеска и утре, 26 и 27 октомври, поради што е издаден метеоаларм за одредени подрачја во земјава.
Според метеоролошките најави, брзината на ветерот на одредени места ќе достигнува, а локално и ќе надминува 60 километри на час.
Поради најавените временски услови, граѓаните се повикуваат на зголемена внимателност, особено при движење на отворено и на локации каде што се можни посилни налети на ветер.
Се препорачува особена претпазливост во близина на дрвја, градилишта, рекламни паноа и други конструкции, како и на места каде што има предмети кои би можеле да бидат поместени или соборени од силните воздушни струења.
Внимателни треба да бидат и возачите, особено при движење по отворени патни правци, мостови и делници каде што се можни странични удари од ветер.
Граѓаните се советуваат да ги обезбедат предметите на балконите и терасите, како и да избегнуваат подолго задржување под дрвја и нестабилни конструкции.
Надлежните препорачуваат следење на официјалните метеоролошки информации и предупредувања во текот на денот.
