По повод 5 Октомври – Светскиот ден на учителот, Град Скопје и општините Кисела Вода и Аеродром им оддадоа признание на најуспешните наставници од основните училишта, наградувајќи ја нивната посветеност, професионалност и придонес во образованието.
На свеченоста организирана од Град Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски им врачи признанија на наставници кои во изминатата година се истакнале со својата работа, професионален развој и постигнати резултати.
Тој истакна дека учителите оставаат трајна трага во животот на секој ученик, нагласувајќи дека нивната посветеност и знаење претставуваат инспирација за младите генерации и основа за нивниот понатамошен успех.
Во Општина Кисела Вода, градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска им додели признанија на 18 просветни работници за нивниот исклучителен придонес во наставниот процес. Изборот бил спроведен преку јавен оглас и стручна комисија, врз основа на резултатите на учениците на државни натпревари и континуираното стручно усовршување на наставниците.
Стаменкоска-Трајкоска порача дека образованието е благородна мисија која бара љубов, трпение и посветеност, додавајќи дека Општина Кисела Вода ќе продолжи да биде партнер на наставниците во создавањето подобри услови за работа.
Во Општина Аеродром, признанија и парични награди од по 10.000 денари добија најдобрите наставници од осумте основни училишта. Наградите им ги врачи градоначалникот Дејан Митески, кој им се заблагодари за нивната професионалност, посветеност и љубовта со која ја извршуваат една од најодговорните професии.
